УНАПРЕДУВАЊЕ НА РАНАТА ДИЈАГНОСТИКА И ТРЕТМАН НА ПАЦИЕНТИТЕ СО ЛИМФОМ И МУЛТИПЕН МИЕЛОМ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: ПРЕДИЗВИЦИ И МОЖНОСТИ

Почитувани,

Изминатите две години, работа и живот во вонредни услови на пандемија со COVID-19, ни наметна потреба од креирање на нов, иновативен пристап во раната дијагностика и третман на пациентите со лимфом и мултипен миелом.

Искуствата и статистиките на УК за Хематологија потврдуваат дека пандемијата, од повеќе аспекти, сериозно влијаела врз пациентите со малигни хематолошки заболувања. Според податоци од интерната статистика на клиниката, забележан е невообичаен пад во инциденцата од 14 отсто во однос на периодот пред пандемијата, надолен тренд, кој продолжува и во 2021 година, кога имаме 16 отсто пониска инциденца во споредба со 2020 година.

Имено, лимфомот е малигно заболување кое на е на седмо место по зачестеност во светот кај двата пола, а инциденцата во изминатите 50 години бележи континуиран годишен пораст од 3-4 проценти. Се смета дека на секои 90 секунди се дијагностицира по еден случај на лимфом во светот.

Во светот, и покрај пандемијата со COVID-19, глобалната инциденца во САД е во пораст, а овој тренд го следат и европските држави. Ако западните европски држави имаат очекувана годишна инциденца поголема или 10,2/100.000, околните земји на Балканот инциденца во рангот од 7,7–10,2/100.000, а Република Северна Македонија бележи пад од 3,1/100.000 во 2019 година до 2,6/100.000 во 2020 година.

Ваквата разлика кај нас, во однос на соседните држави упатува кон три главни фокуси: свесноста за малигните лимфоми кај општата популација, патот и чинителите во дијагностиката на малигните лимфоми и времетраењето на дијагностиката.

Во споредба со лимфомите, мултипните миеломи се поретки хематолошки малигнитети, кои претставуваат помалку од 10 проценти од сите хематолошки заболувања, а помалку од 1 процент од сите малигни болести воопшто. Се смета дека е болест на 6-тата и на 7- мата деценија и само 3–4 отсто од сите случаи, се јавуваат на возраст под 40 години. Глобалната годишна инциденца, независно од полот и возраста, е 2,1/100.000, со стапка на смртност од 1,4/100.000. Инциденцата на новодијагностицирани миеломи во нашата земја е во континуиран пораст, минатата година ја достигнавме очекуваната глобална инциденца. Но, она што нè загрижува во последните години се два факта, дека сè почесто дијагностицираме пациенти на помлада возраст – околу 25 проценти се помлади од 60 години, а 7 отсто од пациентите се помлади од 50 години. Второ, најголем дел од пациентите се дијагностицираат со напредната болест.

Поради тоа, Здружението за хематологија на Македонија во 2022 година, спроведе проект насловен: “ Унапредување на раната дијагностика и третман на пациентите со лимфом и мултипен миелом во Република Северна Македонија: предизвици и можности”, со цел да се унапреди и подобри раната дијагностика и третманот на пациентите со лимфоми и миеломи, под чија закрила се одвиваа бројни активности Организиравме работилница „Преглед на моментална состојба во раната дијагностика на пациентите со лимфом: Предизвици и можности“. Работилницата беше од мултидисциплинарен карактер, со учество на тим од хематолози, патолози, радиолози и претставник од Министерството за здравство. На работилницата беа донесени заклучоци, според кои се направи план и стратегија за понатамошно унапредување и подобрување на дијагностичкиот процес, со цел да се постигне побрз и навремен третман на пациентите со лимфом и миелом.

Водени од препораките на оваа работилница, формирана е стручна работна група која спроведе мапирање на здравствените капацитети, односно установи, кои исполнуваат услови за простор, опрема и кадар, во Република Северна Македонија, кои можат да се вклучат во раната дијагностика на лимфомите и на миеломите. Изработивме нови национални водичи со препораки за третман на лимфоми и мултипен миелом. Спроведовме едукации за матичните лекари и лекарите од секундарното здравство за рана дијагностика на мултипен миелом и лимфом. Самостојно, и во соработка со здруженијата на пациентите, учествувавме во повќе јавни промотивни настани за подигнување на свесноста за мултипен миелом и лимфом.

Основен фокус на нашиот проект се пациентите. Веруваме дека спроведените активности ќе допринесат за подобра и навремената дијагностика и современ третман на секој пациент, што води кон подобар клинички исход и поквалитетен живот, како за пациентот така и за неговото семјството и заедницата во целост.

Скопје, 23.10.2022 год | Проф.д-р Ирина Пановска-Ставридис | Претседател на ЗХМ