ЧЕСТИТКИ ЗА НАГРАДЕНИТЕ ОД ТИМОТ ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ЦРН ДРОБ

ТИМОТ ХЕМАТОЛОЗИ И ИМУНОЛОЗИ ОЧЕКУВА ПРИЗНАНИЕ ОД МЛД ЗА НИВНИОТ УСПЕХ 

Ја користиме можноста, јавно, во името на Здружение за хематологија за Македонија, да им честитаме на колегите кои ја изведоа првата кадаверична црнодробна трансплантација во нашата земја. Тоа е огромен успех за сите професионалци кои се вложија себеси и им овозможија услуга повеќе на пациентите со терминални црнодробни болести, кои досега немаа опција за лекување, да добијат можност за продолжување на животот во рамките на македонското јавно здравство. 

Ова е огромен успех и чекор напред не само за нив, туку дава нова перспектива на јавното здравство во Република Северна Македонија во целина. 

Нивниот успех сосем заслужено, е награден годинава од Македонско лекарско друштво (МЛД).  Додадена е уште една во низата успешни приказни во последните 5 години на полето на трансплантација во нашата земја. Да се потсетиме, минатите години беа наградени и тимовите кои успешно повеќе години наназад трансплантираат бубрези, како и оние кои ја спроведоа првата успешна трансплантација на срце.

Но, исто така тим од Клиниката за Хематологија последните 5 години ја спроведува најсофистицираната хематолошка интервенција која веќе е рутинска процедура која спасува десетици животи годишно. Нашите резултати и постигања се препознаени и валоризирани од САД, кои ни доделија грант за подигање на просторните услови со цел да прераснеме во регионален трансплантациски центар. 

Искрено веруваме дека МЛД конечно ќе собере сили да ја препознае важноста на тоа што го правиме и ќе  додели признание и на експертскиот тим кој од 2018 година во континуитет успешно  спроведува несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Членовите на тимовите од Клиниката за хематологија и Институтот за имунологија и хумана генетика во најмала рака заслужуваат идентичен третман од домашниот еснаф, кога веќе нивните успеси се признаени од меѓународниот фактор. 

Како и да е ние сме тука да им служиме на пациентитет. Ним им порачуваме дека без оглед на се, ние сме тука за нив. Ќе продолжиме со истата посветеност и радост и натаму да им помагаме.